Кочани, 15 јули, 2021г. – Престижниот германски институт ISEGA ја сертифицираше единствената фабрика за рециклажа на хартија во земјата и производство на хартиени производи, Пејпар Мил од Кочани со Сертификат за подобност за користење на хартија за пакување на храна.

Согласно утврдена методологија, институтот ISEGA ги испитува суровините кои се користат, адитиви и специјални средства за завршна обработка на хартијата, како и евентуално ослободување на супстанции кои можат да влијаат врз здравјето. Согласно овие критериуми е утврдено дека кафената хартија на Пејпар Мил ги исполнува највисоките стандарди на безбедност.

„Ни претставува задоволство и гордост што нашиот производ го доби овој исклучително значаен сертификат. Ова е огромна гаранција за квалитетот и безбедноста на нашата хартија за купувачите кои понатаму од оваа хартија произведуваат амбалажа за пакување на храна и прехранбени производи. Конкретно, станува збор за кафената, специјална водоотпорна хартија со висок степен на цврстина и одлични параметри на квалитет, која се користи за изработка на кеси/вреќички за супермаркети и продавници, пакување на брза храна, како и за пакување на овошје и зеленчук. Ова е уште еден во низата сертификати кои ги поседува нашата фабрика, а ние продолжуваме и во иднина да работиме на унапредување на сите процеси во фабриката, со цел да ги одржиме и исполниме стандардите и очекувањата на нашите партнери, соработници и заедницата во која работиме“ – истакнува Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпар Мил.

Освен ново-стекнатиот Сертификат за подобност за користење на хартија за пакување на храна, Пејпар Мил од Кочани поседува ISO Сертификат за управување 14001:2015, ISO Сертификат за управување 9001:2015 и Сертификат FSC систем за одржливо управување со шуми.

За Пејпер Мил

Фабрика за хартија во Кочани е една од најстарите фабрики во Македонија, заснована уште во 1963 година. Во составот на UNITRADE CLUSTER со седиште во Бугарија е од 2016 година. Веднаш по нејзиното повторно отварање започна капиталната реконструкција на производствените капацитети. Вложувањата во модернизирање на технологии и процеси во изминатите пет години се 8 милиони евра, со посебен акцент на квалитетот на производите, зголемување на капацитетот и минимизирање на влијанието врз животната средина. Посебен пристап беше направен кон Чистите технологии и адаптација за рециклажа. Фабриката поседува А ИСКЗ дозвола од Министерство за животна средина, како и неколку сертификати за квалитет и екологија. Капацитетот е доволен за рециклажа на целата картонска отпадна хартија на ниво на РС Македонија. Моменталниот капацитет е 15.000 тони годишно, а веќе се направени проекти за тројно зголемување на овој капацитет.

Сите дополнителни прашања медиумите може да се испратат на office@paper-mill.eu .