Кочани, 7 јули 2021г. – Пејпар Мил информира дека во рамки на унапредување на технолошките процеси при поставувањето на нова технологија, односно автоматика и мултициклон, неодамна се појави неочекувано краткотрајно испуштање на чад од новопоставените автоматски клапни. Иако чадот е од согорување на био-гориво, односно сончогледови пелети, по забележување на чадот, Пејпар Мил го префрли производството на био-гас, односно метан.
Екипите на производителот заедно со екипите на Пејпар Мил веднаш излегоа на терен и работеа на утврдување и отстранување на причината за проблемот, при што беше констатирано дека има потреба од замена на дел од инсталацијата. Нарачката на делот е веднаш направена и производителот работи на доставување на нов дел кој се очекува да пристигне и да се постави за десетина дена. Со цел да се минимизира влијанието врз животната средина, до замена на делот, фабриката работи на био-маса со намалени капацитети на производство, а доколку во овој период се јави потреба од зголемување на производството, задолжително ќе биде вклучен котелот на метан.
Раководството на Пејпар Мил ги информираше Државниот инспекторат за животна средина и одговорните во општина Кочани за случајот и останува отворен за соработка со сите институции.
Кон крајот на април оваа година Пејпар Мил инвестираше 55 илјади евра во поставување на вреќест филтер, а резултатите од поставувањето на филтерот и новата технологија, според мерењата на квалитетот на воздухот објавени кон крајот на мај на меѓународната акредитирана лабораторија SGS, согласно методите на мерење одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина покажаа вредности на количество на прав во димните гасови до 40 пати пониски од пропишаното. Со официјалното рестартирање на единствената фабрика за рециклажа на хартија во РС Македонија на почетокот на јуни, целосно на работа се вратени сите 120 вработени, а започна и последната трета фаза од изградбата на пречистителна станица за води, инвестиција вредна 300.000 евра.
За Пејпер Мил
Фабрика за хартија во Кочани е една од најстарите фабрики во Македонија, заснована уште во 1963 година. Во составот на UNITRADE CLUSTER со седиште во Бугарија е од 2016 година. Веднаш по нејзиното повторно отворање започна капиталната реконструкција на производствените капацитети. Вложувањата во модернизирање на технологии и процеси во изминатите пет години се 8 милиони евра, со посебен акцент на квалитетот на производите, зголемување на капацитетот и минимизирање на влијанието врз животната средина. Посебен пристап беше направен кон Чистите технологии и адаптација за рециклажа. Фабриката поседува А ИСКЗ дозвола од Министерство за животна средина, како и неколку сертификати за квалитет и екологија. Капацитетот е доволен за рециклажа на целата картонска отпадна хартија на ниво на РС Македонија. Моменталниот капацитет е 15.000 тони годишно, а веќе се направени проекти за тројно зголемување на овој капацитет. Повеќе информации за фабриката се достапни на www.paper-mill.eu .
Сите дополнителни прашања медиумите може да се испратат на office@paper-mill.eu .