Кочани, 2 јуни, 2021г. –Единствената фабрика за рециклажа на хартија во земјава Пејпар Мил од Кочани, со инсталација на новиот филтер и резултати од мерења на квалитетот на воздухот до 40 пати пониски од нормата, го рестартираше производството после неколкумесечен прекин на работењето. Јулијан Даскалов, Генерален директор на фабриката во интервју за Слободен печат зборува за предизвиците во овој период, направените мерења на квалитетот на воздухот сега, но и за идните планови на компанијата.
„Сега речиси целосно е елиминирано влијанието на процесот на рециклирање и
производство на хартија во нашата фабрика врз квалитетот на воздухот. Сосема е сигурно
дека инвестицијата од над 55 илјади евра се исплатеше и го даде посакуваниот резултат –
трајно решение фабриката да работи непречено и да обезбеди чиста и здрава околина за
сите.“ – изјавува Јулијан Даскалов, Генерален директор на Пејпар Мил во интервју за Слободен печат.
Од компанијата посочуваат дека во изминатите пет години по преземањето на фабриката во Кочани имаат вложено над 8 милиони евра во унапредување на технологиите за заштита на животната средина, подобрување на квалитетот на производите, како и зголемување на капацитетот, со посебен пристап кон чистите технологии и адаптација за рециклажа. Пајпар Мил продолжува со инвестицискиот циклус. За оваа година предвидено е завршување на последната трета фаза од пречистителната станица, инвестиција од 300.000 евра со која суспендираните материи ќе имаат значително подобрување – повеќе од двојно од дозволените граници, а БПК5 и ХПК параметрите ќе се подобрат за три пати. Од менаџментот истакнуваат дека во следните 2 години планирани се инвестиции од 2 милиони евра во двојно зголемување на капацитетот на производство, со што ќе се зголеми потребата за собирање и рециклирање на отпадна хартија на околу 30.000 тони на годишно ниво, што е практично целата количина која се собира во Република Северна Македонија.
„Со самото зголемување на капацитетите, Пејпар Мил би го зголемил и бројот на
вработувања за 5 до 7% во текот на наредните две години. Дополнително, планираме и
таканаречена вертикална интеграција – инвестиција од 3 до 5 милиони евра со која би се
овозможило создавање и производство на нов производ, а со што дополнително би се
зголемил и бројот на нови работни места.“ – истакнува Даскалов.
Пејпар Мил како инвеститор има значително социо-економско влијание на локално и национално ниво како работодавач и во економијата, а кон тоа, Пејпар Мил како единствен рециклатор на хартија е значајна алка во процесот на рециклирање на отпадна хартија, остварувањето на националните цели за рециклирање и во синџирот на циркуларната економија во земјата.