Кочани, 2 јуни, 2021г. – Денеска и официјално ја рестартираше својата работа единствената фабрика за рециклажа на хартија во земјава, Пејпар Мил од Кочани. По неколку месечен прекин на производствениот процес, денеска во кругот на фабриката се одржа конференција за медиуми на која свое обраќање имаше Генералниот директор на компанијата, Јулијан Даскалов и Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
На настанот на кој присуствуваше и Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев, беа презентирани резултатите од последните мерења на акредитираната лабораторија SGS, која по инсталацијата на новиот вреќест филтер во фабриката, изврши мерења на квалитетот на воздухот според методите на мерење усогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина.
„Чест ми е ја информирам јавноста дека инвестицијата од 55 илјади евра во вреќест филтер навистина носи придобивки за животната средина. Пред неколку дена ги добивме резултатите од акредитираната лабораторијата SGS, која изврши мерења на квалитетот на воздухот според методите на мерење усогласени и одобрени од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Мерењата покажуваат вредности на количество на прав во димните гасови по овој редослед: Мерење 1 – 3,61mg/Nm³; Мерење 2 – 88,2mg/Nm³; Мерење 3 – 19,7mg/Nm³ и Мерење 4 – 6,42mg/Nm³. Нормата за овој показател за фабриката е 150mg/Nm³, што значи дека резултатите се и до 40 (четириесет) пати пониски од пропишаното. Со ова речиси целосно е елиминирано влијанието на процесот на рециклирање и производство на хартија врз квалитетот на воздухот. Оваа инвестиција е трајно решение фабриката да работи непречено, а при тоа да обезбеди чиста и здрава средина. Со ова докажуваме дека нашите заложби за чиста и здрава животната средина, не се само декларативни. Сериозно и систематски ја реализираме нашата намера да ги унапредиме процесите и средината во која работиме и живееме и континуирано вложуваме во тоа.“ – изјави Јулијан Даскалов, Генералниот директор на Пејпар Мил.
Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи истакна дека со инвестицијата во инсталирање на вреќастиот филтер, овозможен е рестарт на работењето на Пејпар Мил и враќање на работа на сите 120 вработени и посочи дека Пејпер Мил најавува дополнителни вложувања во овој капацитет, со кои ќе се модернизираат процесите и дополнително ќе се влијае на заштитата на животната средина, со што го покажуваат својот искрен интерес да бидат општествено одговорна компанија.
„Здравјето на граѓаните е врвен приоритет на оваа Влада, а тоа секојдневно го покажуваме и докажуваме. Мене ми претставува задоволство што и сопствениците на компанијата покажаа разбирање и брзо реагираа, вложија дополнителни средства во системот за отпрашување и последните мерења, направени од независна лабараторија и потврдени од државните институции покажуваат дека емисиите на штетни честички се далеку под дозволените, односно до 40 пати помалку од пропишаните вредности“, нагласи Битиќи и додаде „Пејпер Мил е значајна компанија, освен направените инвестиции и бројот на вработени, оваа компанија има голем значај за локалниот економски развој, но и за циркуларната економија во земјата. Имено, треба да се знае дека оваа компанија има капацитет за рециклирање на картонска хартија за потребите на цела земја, што изнесува околу 14.400 тони. Тоа е навистина значајно и исто придонесува за заштита на животната средина, затоа што и хартијата е ресурс кој го добиваме од природата, а со рециклажа природата ја заштитуваме.“
Пејпар Мил најавија дека инвестициите во фабриката продолжуваат и ги истакнаа приоритетите за следниот период, третата и последна фаза за комплетирање на прочистителната станица за отпадни води која веќе е во тек и треба да заврши во текот на оваа година. Се работи за инвестиција во износ од 300.000 евра, а динамиката на реализација на овој проект е тесно поврзана со работењето на фабриката заради извршување на потребните тестирања и набавки на потребната опрема, па по времениот прекин на работењето овој проект продолжува. Дополнително, во следните 2 години планирани се инвестиции од 2 милиони евра во двојно зголемување на капацитетот на производство, со што ќе се зголеми потребата за собирање и рециклирање на отпадна хартија на околу 30.000 тони на годишно ниво, што е практично целата количина која се собира на годишно ниво во Република Северна Македонија. Со самото зголемување на капацитетите, Пејпар Мил би го зголемил и бројот на вработувања за 5-7% во текот на наредните две години. Кон тоа, Пејпар Мил планира и таканаречена вертикална интеграција – инвестиција од 3-5 милиони евра со која би се овозможило создавање и производство на нов производ, со што дополнително би се зголемил и бројот на нови работни места.
Од Пејпар Мил истакнаа дека улогата на оваа фабрика како единствен рециклатор на хартија е од непроценливо значење за целиот процес на рециклирање на отпадна хартија во РС Македонија, остварувањето на националните цели за рециклирање и синџирот на циркуларната економија во земјата. Изразија благодарност за поддршката која ја добиваат од Владата на Република Северна Македонија, општината Кочани, граѓаните и вработените и искажаа подготвеност за унапредување на односите со сите чинители и доброто на заедницата.